Monday LearningГрафички дизајн Ментори во Monday Learning: Kирил Гагачев eксперт за Графички дизајн

Ментори во Monday Learning: Kирил Гагачев eксперт за Графички дизајн

Со над 25-годишно работно искуство, Кирил Гагачев е дел од тимот на ментори во Моnday Learning. Toj е професионалец и поранешен ко-сопственик на водечкото графичко студио Ортограф, чиj предавањата ќе бидат дел од тренинг програмата за графички дизајн и во следната група дизајнери во Monday Learning.

Кирил за прв пат започнува со експериментирање со типографија и логоа во втората половина на 1980-ите. Првото лого за реален клиент го дизајнира во 1989. Паралелно со студиите по архитектура посетува часови кај еминентниот македонски ликовен уметник и графички дизајнер Димитар Кочевски – Мичо, а неколку години подоцна, одреден период работи во Профото Студио Маркетинг во Скопје. По завршување на студиите се вработува во дизајн студиото Репротајм (денес АНС Принт), каде што работи неколку години, а во 2005, по иницијатива на Билјана Сивева, една од најзначајните дизајнери од средната генерација во Битола, заеднички го основаат Ортограф. Работејќи на многу македонски и странски брендови, развива посебни афинитети кон лого дизајн и типографија.

Во денешното интерјву, Кирил ни раскажува за важноста на графичкиот дизајн, неговата долгогодишна кариера како дизајнер, кои се неговите предизвици и што може да очекуваат идните дизајнери.

„Во последниве +20 години, графичкиот дизајн доби на значење како никогаш пред тоа.”

Благодарение на рапидниот развој на информатичката технологија, многу работи се сменија и  графичкиот дизајн доби на значење како никогаш пред тоа. Сега е уште подобро етаблиран во постоечките сегменти на општеството, а длабоко е навлезен и во многу нови полиња – посебно во дигиталната сфера (интернет, софтвер…), без која денешниов свет е незамислив.

Генерално, се креират многу поквалитетни решенија, има многу повеќе генијални идеи, уште подуховити решенија од оние во ’90, кога се случи големата револуција во дизајнот (и општо во огласувањето). Во однос на техниката и софтверот која денес се користи, мислам дека е излишно и да се зборува колку се понапред, поразновидни и поквалитетни од онаа пред 20 години. Ќе наведам само еден пример – во 2001 година императив ни беше да работиме на 21″ CRT монитор со резолуција од 1600х1200, а сега не ни сакам да седнам пред LCD LED екран под 27″ / 3840х2160pх. 

Пристапот до знаење (образование) е исто така револуционализиран. Така, сега имаме безброј онлајн платформи, школи, курсови, видеа, е-книги преку кои може секој да се стекне со образование од областа на дизајнот. За среќа, ни Македонија не заостанува во овој дел, затоа, како што неколку пати реков и кај нас се појавуваат многу и квалитетни дизајнери. Пр. на почетокот на двеилјадитите, во градов бевме 7-8 дизајнери, а сега сигурно нѐ има многу повеќе. 

„Пpоблемот мора дизајнерот сам да го реши, не моливот и линијарот.”

Проблемот мора дизајнерот сам да го реши – квалитетно (како визуелно така и технички) и на време. И во времето пред компјутерите кога дизајнерите ќе земеле празен лист хартија пред себе и денес кога ќе отворам нов документ во кој било програм, јас сум тој што треба да го направи дизајнот, не моливот и линијарот, не Фотошоп и Фигма, тие не можат да направат дизајн. И да почнат да читаат мисли, пак ќе мора моите мисли да ги читаат.

„Позитивно сум изненаден колку многу луѓе сакаат да научат графички дизајн.”

Искрено, позитивно сум изненаден колку многу луѓе сакаат да научат графички дизајн. Веќе поминаа над 100 учесници на тренинг програмите за графички дизајн во Monday Learning и од овие групи се профилираа завиден број таленти за оваа дејност, што е за поздравување. Им честитам на храбрите што прават голема жртва и сакаат неизоставно да присуствуваат на часовите, покрај своите дневни работни и семејни обврски. Јас сум човек што несебично сака да споделува знаење, па, оваа програма, благодарение на Monday Learning, се покажа како одлична прилика да пренесам што повеќе знаење на помладите генерации. Според досегашниот тек на работите и реакцијата од студентите излегува дека сето тоа е успешно.

Многу ми се допаѓаат реакциите од студентите (кои веќе имаат искуство со графички дизајн), во стилот – „Е, сега многу работи ми се појасни. Ова е тоа што ми недостигаше во работата“ Иако програмата се чини дека е кратка – трипати неделно по 2 часа (120 мин.), таа е доста интензивна. Ние, инструкторите, бараме задолжително присуство и целосна посветеност на часовите. Сѐ што кажуваме произлегува од нашето долгогодишно работно искуство во областа на графички дизајн, ништо не зборуваме напразно и секоја информација е важна. Нормално, очекуваме и прашања кои со задоволство ги одговараме.

Се разбира, хуморот е неизоставен дел од секои предавања и дискусии со студентите. Исто така, на крајот од предавањата, задаваме домашна работа, којашто очекуваме да се заврши до следното предавање, а студентите имаат време од два дена да ја завршат. Во тие два дена сме достапни за консултации, така што имаат можност да изработат квалитетно домашно.

Генерално, тие се основните совети – посветеност на учење, навремено извршувањето на домашните задачи (зашто преку нив многу се учи) и добра презентација на сработеното, обрнувајќи внимание на сите детали.

Предизвик ми се проекти кои вклучуваат повеќе битни сегменти од дизајнот.“

Најмногу сакам да работам на пакувања (храна, пијалаци, производи…). Предизвик ми се зашто еден таков проект вклучува повеќе битни сегменти од дизајнот, почнувајќи од лого, специфична илустрација (фотографија), можеби некаква оригинална заднина, типографија, добро осмислен текст и на крајот од сето тоа да се направи квалитетна подготви за печат којашто може да содржи посебни бои, форми, лакови, релјефи… Mојата работа луѓето најмногу ја препознаваат по логоата што сум ги сработил изминативе децении, така што и тие ми се едни од омилените проекти. Посебно типографските, зашто буквите и играта со нив ги сакам уште од дете, кога не ни имав поим што е графички дизајн. Честопати цртам и оригинални букви за некое лого, а и да земам готов фонт, сигурно ќе интервенирам во него, односно ќе поминат низ мојот типографски филтер.

„Се работи за креативен процес, а не механички.”

Уште додека разговарам со клиентот, или го читам неговиот бриф, јас во главата веќе имам некаква слика за тоа како ќе изгледа дизајнот. Некогаш, ако рокот е кус, веднаш почнувам со скицирање на хартија. Но, ако имам повеќе време, прво убаво размислувам, истражувам, па скицирам секакви идеи. Потоа, седнувам на компјутер и почнувам да ги цртам сите идеи. Цртам ден-два-три, одам напред-назад, ги чувам сите можни верзии што сум ги нацртал и оставам една ноќ да одлежи сè. Cледниот ден се навраќам со бистра глава и одлучувам што заслужува да се финализира. Се случува и првично отфрлените идеи да ги доработам и да станат фаворити, како и обратно. Понекогаш работам само на една идеја, додека не ја доведам до совршенство. Се разбира, цел овој процес зависи и од буџетот и роковите. Некогаш имам рок од 4-5 до 24 часа, некогаш неколку денови и недели. Некогаш првата идеја е и најдобра, некогаш и после неколку недели немам добра идеја. Сепак, се работи за креативен процес, а не механички и немам точен рецепт за квалитетно лого, којшто 100% би функционирал. 

„На моите часови студентите ќе се запознаат со светот на графичкиот дизајн.“

На моите предавања студентите ќе учат за историја на дизајн, ќе се запознаат со концептот на графички дизајн и ќе ги разберат визуелните односи што ќе им помогнат да комуницираат преку дизајнирани форми. Ќе ги разберат елементите од кои е изградена визуелната комуникација и ќе научат како функционално да ги користат принципите на дизајн.

Приклучи се на следната група дизајнери кои почнуваат во април 2024. Местата за програмата се ограничени, резервирај го твоето место навреме тука.