Monday LearningГрафички дизајн Учи од професионалци во областа на графичкиот дизајн. Запознај го Кирил, твојот ментор за вовед во дизајн и лого дизајн.

Учи од професионалци во областа на графичкиот дизајн. Запознај го Кирил, твојот ментор за вовед во дизајн и лого дизајн.

20 годишното искуство во работа со различни брендови и препознатливоста на оригиналните лого дизајни од Кирил Гагачев, ќе бидат дел од предавањата за графички дизајн и лого дизајн и во следната група дизајнери во Monday Learning. Кирил е сопственик на Ортограф графичко студио и има освоено голем број на признанија и награди на лого дизајн.

На тренингот за графички дизајн од него ќе учиш за историја на дизајн, ќе се запознаеш со концептот на графички дизајн и ќе ги разбереш визуелните односи што ќе ти помогнат да комуницираш преку дизајнирани форми. Ќе ги разбереш елементите од кои е изградена визуелната комуникација. Ќе научиш како функционално да ги користиш принципите на дизајн. Практично ќе ги примениш овие елементи и принципи на проект. Ќе научиш како да ја разработиш идејата од концепт до презентација, па сè до финално лого – притоа работејќи со Adobe Illustrator. Уписите за програмата за графички дизајн се започнати. Инвестирај во своето знаење и резервирај си место навреме. Во продолжение Кирил ни раскажува за неговата долгогодишна кариера како дизајнер, за работата со различни клиенти и патот до оригиналност во неговите лого дизајни.

Имаш преку 20 години работно искуство како графички дизајнер. Како се менуваше пејсажот на графичкиот дизајн изминативе години?

Би започнал со она што останало исто, а тоа е дека проблемот мора дизајнерот сам да го реши – квалитетно (како визуелно така и технички) и на време. И во времето пред компјутерите кога дизајнерите ќе земеле празен лист хартија пред себе и денес кога ќе отворам нов документ во кој било програм, јас сум тој што треба да го направи дизајнот, не моливот и линијарот, не Фотошоп и Фигма, тие не можат да направат дизајн. И да почнат да читаат мисли, пак ќе мора моите мисли да ги читаат.

И аналогно и дигитално – дизајнерот е тој што треба да го креира делото, инаку листот ќе остане празен

Еве, Арт Лебедев (веројатно најголемата руска агенција), успеа да направи AI дизајнер, кој сам комуницира со клиентите и сам дизајнира, а клиентите не ни знаат дека комуницираат со робот. Но, тој (ро)бот е сепак направен од луѓе (дизајнери, програмери, комуниколози, социолози, психолози…). Не дошол сам од Нибиру. Значи, пак луѓето го имаат главнот збор.

Односот кон клиентите, соработниците и изведувачите, како што бил и пред 20 или 50 години, исто (мора да) е непроменет, односно беспрекорен…

Што е тоа што се сменило?

Па, многу работи и тоа воглавно благодарение на рапидниот развој на информатичката технологија.

За почеток, во последниве +20 години, графичкиот дизајн доби на значење како никогаш пред тоа. Сега е уште подобро етаблиран во постоечките сегменти на општеството, а длабоко е навлезен и во многу нови полиња – посебно во дигиталната сфера (интернет, софтвер…), без која денешниов свет е незамислив.

Има сѐ повеќе дизајнери, студија, агенции, се бараат сѐ повеќе дизајнери и сѐ подобро се платени, како во светот, така и кај нас во Македонија. Зашто бизнисот, пред сѐ, е сѐ повеќе свесен за потребата од квалитетен дизајн.

На пример, клиент со мала пекарница, денес нарачува лого и брендинг, зашто знае што значи да си има свој личен препознатлив изглед, што ќе го одвојува од останатите пекарници. Оти сега во градот веќе има 20-30 пекарници и сите се визуелно стокмени. Не е исто како во 1995 кога имало само 4-5.

Друго, се појавија многу супспецијализации во дизајнот. Или, ако порано беше главен дизајнот за печат, сега некако доминира дигиталниот дизајн, па тој се дели на ux/ui (а и овие две понатаму се делат на повеќе специјализации), па дизајн за социјални мрежи, па анимации итн.

Така, сега дизајнерите покрај печатарските техники, мора да се прилагодуваат и на програмерските потреби. Па, дури имаме дизајнери коишто работаат исклучиво за печат или исклучиво за дигитални медиуми.

Само во дизајнот за печат има специјалисти за, на пр. амбалажа за храна, па само за пијалаци, а во нив има специјалисти за етикети за вино… итн. Или, има само лого дизајнери, кои исклучиво тоа работат. Па во нив има луѓе што работат само hand lettering, или има такви што работаат само логоа со илустрации.

The Label Maker – бугарско студио тесно специјализирано за дизајн на етикети за вино

Типографијата како еден од најважните сегменти, направи огромна експанзија низ цел свет, така што сега имаме врвни светски типографи од Аргентина и Бразил, преку Балканот (Македонија) и Русија, сѐ до Малезија и Австралија. Нешто што порано како да беше резервирано само за Западна Европа и Северна Америка.

Општо, ми се чини дека некако последниве 2 децении токму овие „нови“ земји, како да го презедоа водството во графичкиот дизајн во светот. Посебно источноевропските. Нормално, далеку од тоа дека и претходно во овие земји не се негувал врвен дизајн.

Се разбира, тука спаѓаат и нашите дизајнери, кои ги има сѐ повеќе, работаат сѐ поквалитетно, а благодарение на интернет работат сѐ повеќе за странство (некои исклучиво за странство). Некои освојуваат награди на меѓународни фестивали, а присутни се и во светски изданија од оваа област.

Фонтот Мамут, креација на најзначајниот македонски типограф и дизајнер – Ласко Џуровски, присутен на светскиот сервис за продажба на фонтови – МyFont. Неговиот фонт Clone Rounded се наоѓа и во Adobe пакетот
Фотоманипулација изработена од графичкото студио Ортограф, за германскиот клиент Gybe

Генерално, се креират многу поквалитетни решенија, има многу повеќе генијални идеи, уште подуховити решенија од оние во ’90, кога се случи големата револуција во дизајнот (и општо во огласувањето).

Интересно е и тоа што и покрај сеприсутната висока технологија, има сѐ повеќе автори што работаат рачно – исто како старата школа. Дел од нив прво цел дизајн го цртаат на хартија, до најситен детал, па потоа го векторизираат за понатамошна употреба. Но, дел цртаат исклучиво рачно – на хартија, излози, возила, табли… Така, се добиваат оригинални и неповторливи дела, кои клиентите многу ги ценат, зашто знаат дека тоа дело е едно и единствено во светот и е нацртано со рака и четка без посредство на висока технологија. Можеби е куриозитет, но, ова го работаат и многу млади дизајнери, на кои едноставно им се смачиле компјутерите.

Така што, моментално сѐ е актуелно – и новите футуристичко-минималистички трендови во дизајнот и или напредното дигитално печатење, и оние што се прастари (т.н. максималистички дизајн, сито-печат, летерпрес…)

Денес се присутни најразлични трендови во дизајнот – од минималистички до максимално комплексни, кои се најпрво изработени со рака на хартија до најмал детаљ, а потоа векторизирани за современа употреба

Начинот на комуникацијата е изразито забрзан и многу поквалитетен.

Ново е тоа што се појавија сервиси за продажба на т.н. stock ресурси (фотографии, илустрации, мокапи), без кои дизајнерите сега веќе не можат да живеат. Се разбира, големите компании и сериозни проекти, секогаш ќе инсистираат на оригинални сопствени фотографии (илустрации). Некои од нив дури имаат и сопствени фонтови.

Во однос на техниката и софтверот која денес се користи, мислам дека е излишно и да се зборува колку се понапред, поразновидни и поквалитетни од онаа пред 20 години. Ќе наведам само еден пример – во 2001 година императив ни беше да работиме на 21″ CRT монитор со резолуција од 1600х1200, а сега не ни сакам да седнам пред LCD LED екран под 27″ / 3840х2160pх.

Мониторите некогаш (CRT 21″ 1600 x 1200 px) и сега (LCD 32″ 3840 x 2160 px)

Интересно е на пр. што, да речеме скенерите, коишто до пред 15ина години беа стандардна опрема во секое студио, сега се веќе реткост. Дури некои од младите дизајнери не ни виделе и ниту знаат за што служи скенерот.

За новитетите во печатарската технологија и нејзиниот квалитет, подобро и да не спомнувам…

Начинот на презентација на проектите е значително подобрен, посебно со појавата на готовите мокап фајлови, така што сега клиентот веќе има одлична претстава како неговиот производ ќе изгледа во реалноста уште пред тој да се изведе. На времето, кога јас почнував, правев пионерски 3D мокапи во Фотошоп. Со оглед на моето образование и искуство од студирањето, кога често правевме макети од објектите, лесно се снајдов и со мокапите од кутија со, да речеме, некој овошен сок или млеко. Тогаш уште не беше толку развиен тој сегмент од презентациите, ниту пак знаевме дека така се вика. По десетина години, тие веќе ја играат главната улога во секоја презентација.

Moкапите станаа неизбежен дел од секоја сериозна дизајн презентација

Начинот на работа, исто така е променет, повторно благодарение на интернет. Така, сѐ поголем број дизајнери се одлучуваат да работаат фриленс – дали индиректно преку фриленс платформите, дали директно со својот круг клиенти. Затоа што сега веќе нема насушна потреба од имање физичко студио каде што ќе работат група дизајнери, туку се работи од дома, а се поврзуваат онлајн, преку различни канали, како меѓусебе, така и со клиентите.

За среќа и презентацијата на нашата работа е многу олеснета. Социјалните мрежи, (посебно Инстаграм) не само што се извор на информации и забава, туку се и одличен начин за еден дизајнер да ја промовира својата работа и да стапи во контакт со повеќе потенцијални клиенти, или да се инспирира од други креативци. Дури има и специјализирани платформи за креативци како што се Behance и Dribbble. Сега веќе не морам да одам со полна торба отпечатени дизајни и да се презентирам пред некој клиент, на пр. во Скопје, како во 1999 г, туку му праќам линк од моето портфолио на Behance и тој може веднаш да го види на својот телефон, па макар се наоѓал и во Мелбурн.

Конечно, пристапот до знаење (образование) е исто така револуционализиран. Така, сега имаме безброј онлајн платформи, школи, курсови, видеа, е-книги… од кои дел се бесплатни, а преку кои може секој да се стекне со образование од областа на дизајнот. За среќа, ни Македонија не заостанува во овој дел, затоа, како што неколку пати реков и кај нас се појавија многу и квалитетни дизајнери. Пр. на почетокот на двеилјадитите, во градов бевме 7-8 дизајнери, а сега сигурно нѐ има некаде помеѓу 20 и 30.

Промена на пристапот до знаење – Македонија не заостанува зад светот со понуда на онлајн школи за изучување графички дизајн

Отприлика, тие се главните промени во дизајн пејсажот, на кои можам да се сетам во моментов, иако претпоставувам дека и нешто сум пропуштил.

Што те предизвикува најмногу, на какви проекти сакаш да работиш?

Најмногу сакам да работам на пакувања (храна, пијалаци, производи…), иако, реално имам многу малку такви проекти. Предизвик ми се зашто еден таков проект вклучува повеќе битни сегменти од дизајнот, почнувајќи од лого, специфична илустрација (фотографија), можеби некаква оригинална заднина, типографија, добро осмислен текст и на крајот од сето тоа да се направи квалитетна подготви за печат којашто може да содржи посебни бои, форми, лакови, релјефи…

Пакување на храна – еден од моите омилени сегменти во дизајнот

Веројатно мојата работа луѓето најмногу ја препознаваат по логоата што сум ги сработил изминативе децении, така што и тие ми се едни од омилените проекти. Посебно типографските, зашто буквите и играта со нив ги сакам уште од дете, кога не ни имав поим што е графички дизајн. Честопати цртам и оригинални букви за некое лого, а и да земам готов фонт, сигурно ќе интервенирам во него, односно ќе поминат низ мојот типографски филтер.

Дизајн на симбол за Винарија Илиев од Кавадарци, еден од последните лого проекти

Последно време ме интересира и т.н. ux/ui дизајн. Не само затоа што е еден од главните трендови последнава деценија, туку и дека мислам имам некакви предиспозиции за таа работа со оглед на завршеното архитектонско образование каде што во голема мера посветувавме внимание на ux-от. Плус, како човек сакам чисти, јасни и едноставни работи, што е пак и еден од темелите на тој тип дизајн.

Каква е соработката со клиентите кои те ангажираат? Што очекуваат да знае и да достави еден графички дизајнер?

Воглавно имам добра соработка со клиентите, како со долгогодишните – така и со новостекнатите. За жал, сум имал и трауматични искуства, но, таквите се трудам да ги заборавам и да одбегнувам нови.

Пред сѐ очекуваат да им решам некој проблем, што ќе им го олесни бизнисот и ќе им го зголеми профитот. Покрај тоа, тие очекуваат тоа решение да изгледа убаво и конечно да биде професионално подготвено за изведба, или ако јас го изведувам, да го направам квалитетно. Често пати, од мене добиваат повеќе одошто што очекуваат и се позитивно изненадени. Во овој контекст би спомнал една анегдота кога еден клиент дојде со барање да му испечатам еден меморандум во 5 примероци, што требало да го стави во папка и да го предаде на сериозни институции.

Tој донесе само .doc текст, а што направив јас?

За почеток го лекторирав текстот, според моите скромни познавање од јазикот, за што реално, имаше потреба. Потоа дизајнирав меморандум и го отпечатив. Па дизајнирав папка, ја отпечатив и неа во 5 примероци, ја исеков, превиткав и залепив. Така, клиентот неочекувано доби целосен пакет направен по мерка, за што не го криеше своето задоволство – „Јас мислев дека вие работите само на компјутер и дека евентуално ќе ми го отпечатите писмото, а вие сте работеле сѐ. Немам видено вакво студио…”

Дизајнерот мора да прифаќа проекти кои вклучуваат и рачна работа на некој проект, не само да се врзани за екранот

Во оваа насока ова ги советувам и студентите на Monday learning, односно, да не бидат само „PSD RGB @72dpi” дизајнери, како што ги викам јас, туку да бидат комплетни графичари – да знаат да земат работа која вклучува и работи кои не се стриктно врзани за екран, туку бараат и рачна работа, трчање по набавка на материјали, ангажирање соработници, печатење или комуникација со изведувачи… односно да имаат контрола врз цел проект и тоа да биде нивно дело, кое со задоволство ќе го предадат на клиентот.

Тогаш клиентите ќе имаат целосна доверба во нив како дизајнери, односно дека се луѓе коишто можат да ја завршат работата, зашто има клиенти кои цел проект ќе им го остават на дизајнерот и само сакаат да добијат конечен производ, без тие самите да губат време и нерви.

Понекогаш се случува клиентот да има краток рок за некоја сериозна задача, па мора да биде сигурен дека ако му ја довери на сигурен човек, овој ќе одговори на предизвикот.

Кај вакви проекти нема многу време за истражување, скицирање, мудбордови, шминкање пред скапиот нов лаптоп со сјаен екран за кој претходната вечер си добил 846 срциња на Инста или добивање знак од универзумот, односно чекање инспиративен моментум за работа.

Мораш да го загризеш проектот цврсто, да се потпреш на сопственото искуство и знаење и да ја решиш, на пр. етикетата за минерална вода во среда (и газирана и негазирана, и 1,5л, и 0,5л, и збирна кутија, па макар останал и цела ноќ до 7 часот наутро) за да се отпечати до петок, да се залепи на шишињата в сабота, да се товари шлеперот в недела и в понеделник да замине за Русија.

Во вакви моменти се препознаваат вистинските графичари (дизајнери) и вакви ситуации го одделуваат дизајнот од уметноста – моментот на неговата директна поврзаност со индустријата и бизнисот.

Какво е твоето досегашно искуство со студентите?

Искрено, позитивно сум изненаден колку многу луѓе сакаат да научат графички дизајн. Лани поминавме два круга со студенти и од двете групи се профилираа завиден број таленти за оваа дејност, што е за поздравување.

Им честитам на храбрите што прават голема жртва и сакаат неизоставно да присуствуваат на часовите, покрај своите дневни работни и семејни обврски.

Јас сум човек што несебично сака да споделува знаење, па, оваа програма, благодарение на Monday learning, се покажа како одлична прилика да пренесам што повеќе знаење на помладите генерации. Според досегашниот тек на работите и реакцијата од студентите излегува дека сето тоа е успешно.

Многу ми се допаѓаат реакциите од студентите (кои веќе имаат искуство со графички дизајн), во стилот – „Е, сега многу работи ми се појасни. Ова е тоа што ми недостигаше во работата“

Иако програмата се чини дека е кратка – трипати неделно по 2 часа (120 мин.), таа е доста интензивна. Ние, инструкторите, бараме задолжително присуство и целосна посветеност на часовите. Сѐ што кажуваме произлегува од нашето долгогодишно работно искуство во областа на графички дизајн, ништо не зборуваме напразно и секоја информација е важна. Нормално, очекуваме и прашања кои со задоволство ги одговараме.

Се разбира, хуморот е неизоставен дел од секои предавања и дискусии со студентите.

Исто така, на крајот од предавањата, задаваме домашна работа, којашто очекуваме да се заврши до следното предавање, а студентите имаат време од два дена да ја завршат. Во тие два дена сме достапни за консултации, така што имаат можност да изработат квалитетно домашно.

Генерално, тие се основните совети – посветеност на учење, навремено извршувањето на домашните задачи (зашто преку нив многу се учи) и добра презентација на сработеното, обрнувајќи внимание на сите детали.

Приклучи се на следната група дизајнери кои почнуваат во април 2022. Аплицирај тука.