Научи графички дизајн од експерти – Кирил Гагачев, ментор во Monday Learning
Кирил Гагачев, сопственик на Ортограф графичко студио и експерт со повеќе од 30 години искуство, како и добитник на бројни признанија и награди за логотип дизајн, ќе ги води предавањата во тренинг програмата за графички дизајн за следната група дизајнери во Monday Learning.
Кирил започнува со експериментирање со типографија и лого од крајот на 80-тите години. Првото лого за реален клиент го дизајнира во 1989 година. Паралелно со студиите по архитектура, посетува часови кај истакнатиот македонски ликовен уметник и графички дизајнер Димитар Кочевски – Мичо. Неколку години подоцна, работи во Профото Студио Маркетинг во Скопје. По завршувањето на студиите, се приклучува на дизајн студиото Репротајм (денес АНС Принт), каде што работи неколку години. По иницијатива на позната дизајнерка од средната генерација во Битола, Билјана Сивева, во 2005 година заедно го основаат Ортограф. Работејќи со различни македонски и странски брендови, развива длабока љубов кон лого дизајн и типографија.
Во денешното интервју за Monday Learning, Кирил ќе ни открие детали за својата импресивна кариера како дизајнер и ќе ни ги објасни карактеристиките на едно препознатливо лого.
„Процесот на дизајнирање на лого е креативен, а не механички.”
Кога разговарам со клиентот или ја разгледувам неговата содржина, во мојата глава започнува да се формира општа слика за изгледот на логото. Ако рокот е краток, веднаш се фокусирам на скицирање на хартија. Сепак, ако имам повеќе време, прво размислувам и истражувам, а потоа скицирам различни идеи, кои понекогаш може да бидат и 7-8. Работам на цртежите ден-два-три, прегледувам и го анализирам напред-назад, ги чувам сите верзии што ги создадов и оставам една ноќ за да одлежат. Следниот ден, со свежа перспектива, се враќам и одлучувам кои идеи заслужуваат финализација. Се случува првично одбиените идеи да ги развијам и да станат фаворити, додека првичните фаворити можат да се отфрлат во текот на процесот. Понекогаш, се фокусирам само на една идеја и ја доведувам до совршенство. Секако, целиот процес зависи од буџетот и роковите. Понекогаш првата идеја може да се покаже како најдобра, а понекогаш, дури и по неколку недели, не успевам да најдам задоволителна идеја. Сепак, станува збор за креативен, а не механички процес, и немам точна формула за лого што ќе биде 100% успешно. Можеби некој има таков метод, но јас не.
„Дизајнерот треба да најде решение за проблемот, а не моливот и линијарот.”
Без разлика дали работите со празен лист хартија пред себе или отварате нов документ во современи алатки како Фотошоп или Фигма, дизајнерот е тој кој треба да го создаде дизајнот. Ниту моливот, ниту линијарот, ниту софтверот не можат сами да создадат дизајн. Дизајнерот треба да ги претвори своите идеи и концепти во конечниот производ без разлика колку и да е напреден софтверот.
„Дизајнот на пакувања најмногу ме исполнува.”
Најмногу уживам во работата на пакувања (храна, пијалаци, производи и сл.), иако реално имам малку такви проекти. Овие проекти ме предизвикуваат затоа што вклучуваат многу важни аспекти на дизајнот, како што се логото, специфичните илустрации (или фотографии), можеби некаква оригинална позадина, типографија, добро осмислен текст, и на крај, создавање квалитетна подготовка за печат која може да вклучува посебни бои, форми, лакови и релјефи.
„Логото е визуелен корпоративен идентитет на бизнисот.”
Од дизајнерска перспектива, логото треба да биде безвременско, впечатливо и лесно за паметење. Сметам дека логото треба да ја отсликува пораката што бизнисот сака да ја пренесе на публиката, целта на бизнисот, и основната идеја на брендот, компанијата или организацијата. Тоа е суштината на тоа што логото треба да претставува. Ако ги разгледаме логото на најпознатите технолошки компании, ќе забележиме дека ниедно од нив не вклучува слики на телефони, компјутери, звучници или телевизори На некои од нив, дури и имињата не асоцираат директно на нивната дејност. Ако не знаевме дека Apple е технолошка компанија, според името и логото, можеби би помислиле дека се занимаваат со нешто поврзано со рециклирање овошје, бидејќи јаболкото асоцира на нешто што може да биде употребено или отфрлено. Сепак, нивното јаболко има сосема друго значење.
Слично, некои англиски автомобилски брендови користат крилја во своето лого, наместо волан, тркало или мотор.
„Во почетокот на 2000-те, графичкиот дизајн доби значење како никогаш порано.”
Графичкиот дизајн денес е цврсто интегриран во постоечките аспекти на општеството и длабоко навлезен во новите области, особено во дигиталната сфера (интернет, софтвер и слично), без која современиот свет не би можел да функционира. Денес се создаваат многу поквалитетни решенија, со повеќе иновативни идеи и поголема креативност во споредба со ’90-те години, кога се случи големата револуција во дизајнот и рекламирањето. Во однос на техниката и софтверот што се користи денес, очигледно е дека тие се многу понапредни, поразновидни и поквалитетни во споредба со оние пред 20 години.
Пристапот до образование е исто така променет. Денес имаме безброј онлајн платформи, школи, курсови, видеа, е-книги, од кои дел се бесплатни, а преку кои може секој да се стекне со образование од областа на дизајнот. За среќа, ни Македонија не заостанува во овој дел, затоа, како што и кај нас се појавија многу и квалитетни дизајнери. На почетокот на двеилјадитите, во градов бевме 7-8 дизајнери, а сега бројката е поголема.
„Ме радува големиот интерес што луѓето го покажуваат за учење на графички дизајн.“
Ме радува големиот интерес што луѓето го покажуваат за учење графички дизајн. Минатата година работевме со две групи студенти, и од нив се појавија многу таленти за оваа област, што е навистина охрабрувачки. Како човек што сака да споделува знаење, оваа програма, благодарение на Monday Learning, се покажа како одлична можност да пренесам што повеќе знаење на помладите генерации. Според досегашниот напредок и реакциите на студентите, сè изгледа дека е успешно.“
Местата за тренинг програмата за графички дизајн се ограничени. Резервирај го твоето место навреме тука.