fbpx
Monday LearningГрафички дизајн Вовед во графички дизајн и лого дизајн со Кирил Гагачев

Вовед во графички дизајн и лого дизајн со Кирил Гагачев

Со над 30 години работно искуство и неколку награди на конкурси за лого дизајн, Кирил Гагачев овојпат дел од своето знаење ќе го пренесе на учесниците на тренинг програмата за графички дизајн во Monday Learning. Неговото професионално искуство во работа со различни брендови и препознатливоста по неговите оригинални лого дизајни – ќе бидат дел од предавањата за графички дизајн и посебно лого дизајн.

За Кирил

Неговите почетоци во графички дизајн започнуваат со експериментирање со типографија и логоа од крајот на 80тите. Првото лого за реален клиент го дизајнира во 1989. Паралелно со студиите по Архитектура посетува часови кај еминентниот македонски ликовен уметник и графички дизајнер Димитар Кочевски – Мичо, а неколку години подоцна, одреден период работи во Профото Студио Маркетинг во Скопје. По завршување на студиите се вработува во дизајн студиото Репротајм (денес АНС Принт), каде што работи неколку години, а во 2005, по иницијатива на Билјана Сивева, една од најзначајните дизајнери од средната генерација во Битола, заеднички го основаат Ортограф. Работејќи на многу македонски и странски брендови, развива посебни афинитети кон лого дизајн и типографија. Љубител е на музика, уметност, дизајн, технологија и природа.

За студиото

OРТОГРАФ ДОО Битола, е графичко студио, основано во 2005 г. со основна дејност графички дизајн и подготовка за печат. Составено е од двајца искусни, високообразовани професионалци со претходно дизајн искуство. Веднаш по почетокот со работа, студиото се издвои како водечко во регионот со својата препознатлива креативност, професионален однос и постојаното зголемување на бројот на клиенти. Ортограф, како што и самото име [вистинска графика] навестува, наметна висок квалитет, како во однос на идејно-графичките решенија така и во нивната крајна изведба. Во текот на своето 16-годишно постоење има изработено безброј логоа, визуелни идентитети, летоци, менија, каталози, брошури, календари, плакати, билборди, етикети и секаков друг тип на промотивни материјали. Дел од позначајните клиенти на студиото се: Хотел Епинал, Хотел Бистра Маврово, Ле Гранд Казино, Ноќен клуб Расчекор, Синпекс, Бимилк, Бифрут, Цермат, Хотел Изгрев, Кафе Пајтон, Slow Food Македонија, Планинска Роса, Суна – минерална вода, Бабук и уште многу странски брендови како Gybe и Icaro од Германија, TheClue и Brand& (Австралија), како и Office Easy (Велика Британија).

За лого дизајн – Креативниот процес на Кирил

Воглавно, уште додека разговарам со клиентот, или го читам неговиот бриф, јас во главата веќе имам некаква општа слика за тоа како ќе изгледа логото. Некогаш, ако рокот е кус, веднаш почнувам со скицирање на хартија. Но, ако имам повеќе време, прво убаво размислувам, истражувам, прелистувам интернет за инспирација, ако се бара стилизација на некаков познат објект, барам референци, па скицирам секакви идеи.

Често пати, иако сум задоволен со неколку идеи, сепак вложувам дополнителна енергија, се исклучувам од дотогашните размислувања и одам во некој друг, порадикален правец. Понекогаш дури и сосила. Искуството покажало дека и од тоа може да произлезе квалитетно решение. После овој дел, се одморам и оставам сè да ферментира во мојата глава и да се искристализираат идеите.

Потоа, седнувам на компјутер и почнувам да ги цртам сите идеи, кои некогаш се и по 7-8. Цртам ден-два-три, одам напред-назад, ги чувам сите можни верзии што сум ги нацртал и оставам една ноќ да одлежи сè, па следниот ден се навраќам со бистра глава и одлучувам што заслужува да се финализира. Се случува и првично отфрлените идеи да ги доработам и да станат фаворити, како и обратно – првите фаворити, да отпаднат во текот на работата. А, некогаш работам само на една идеја, додека не ја доведам до совршенство. Се разбира, цел овој процес зависи и од буџетот и роковите. Некогаш имам рок од 4-5 до 24 часа, некогаш неколку денови и недели. Некогаш првата идеја е и најдобра, некогаш и после неколку недели немам добра идеја.

Слободорачни скици за логото на Bitola Outdoor Festival

Сепак, се работи за креативен процес, а не механички и немам точен рецепт за квалитетно лого, којшто 100% би функционирал. Можеби некој има, но јас не.

Конечни предлози за логото на Bitola Outdoor Festival [лево] и прифатеното лого решение [десно]

На пример, мојот личен монограм, што го објавив пред околу 1 месец и од кој сум конечно задоволен, е една идеја и една скица, која ми светна одеднаш и од никаде, не дека нешто посебно се напрегав. А, пред тоа сум правел логоа и монограми за себе, дисконтинуирано, може да се рече – 30 години.

Личносен монограм [Kiril Gagačev], скица и конечен изглед.

Нешто слично беше и случајот со dk монограмот, кој го направив лани, за клиент од Хрватска. Исто, се работеше за една идеја, 2-3 скици на хартија за триесетина минути, петнаесетминутно цртање на компјутер и тоа беше тоа. Клиентот толку многу се воодушеви што веднаш започна постапка за регистрирање на трговска марка на ниво на ЕУ, за што по неколку месеци доби и сертификат. Во секој случај, додека јас лично не сум задоволен од идеите, не излегувам пред клиентот.

Монограм лого во минималистички манир, за Davor Klišković Informatika [Хрватска], скица и конечен изглед.

Конечно, во зависност од условите, правам едноставна или потемелна презентација, во којашто обврзно ја вклучувам и приказната за значењето на предложените дизајни, момент којшто клиентите многу го ценат, зашто сакаат да добијат лого со некаква приказна, тежина и значење која понатаму ќе ја пренесат.

На какви логоа преферира да работи?

Во основа, не се ограничувам на некој посебен тип логоа. Сакам да работам и сум работел на секакви видови – чисто типографски (wordmark, lettermark, monogram), класични, ретро, модерни, футуристички, минималистички, максималистички, со апстрактни симболи, со стилизација на реални објекти, хендлетерд… секакви.

Можеби некако помили ми се типографските, посебно оние за кои сам сум ги нацртал буквите.

DreamCast Production, максималистички дизајн на лого со 4 видови букви + поедноставена верзија. Не е користен ниту еден готов фонт, сè е рачно нацртано
Избор од 9 логоа со оригинална [custom] типографија [Flipple, Пелистерка, Бабук, Quatro, Carstar, Шкреко, Дуна, Aftr, ЕПС]

Софтвер?

Од софтвер, за дизајн на логоа, јас лично користам исклучително CorelDRAW и тоа уште од 1996 г. Понекогаш, користам и Illustrator, за некои работи коишто не можат да се направат во CorelDRAW. За мокап презентации на самите логоа, тука е незаменливиот Photoshop.

Но, знаете, која алатка сте ја користеле реално и не е многу битно. Најважно е какво лого ќе направите, а не со што сте го направиле. За жал, сè уште постои митот дека дизајн се работи исклучително на само еден тип хардвер и само со еден софтвер. Компјутерот сам не го прави дизајнот, вие го правите. Тоа е исто како пред 40-50 години да сте прашале некого со каков молив го нацртал логото или од која фирма бил шестарот што го користел за круговите.

Кога некој ќе види некаков дизајн отпечатен во магазин, како може да препознае со што е правен и конечно, зошто би му било битно тоа?

Како треба да изгледа едно препознатливо лого?

Пред сè, треба да е колку што е можно повеќе – оригинално, иако, денес тоа многу тешко се постигнува. Oд технички аспект треба да е едноставно, лесно за изведување од различен материјал и лесно за аплицирање на секаква површина. Исто, мора да функционира и во една боја.

Од дизајнерска (уметничка, психолошка) перспектива, логото би требало да е безвременско, впечатливо и лесно за паметење, но, не мора на прв поглед да асоцира на дејноста што ја претставува. Мислам дека и тоа е некој мит. Сметам дека логото треба да го претставува она што бизнисот сака да го пренесе на публиката, или пак некоја лична приказна на сопственикот, преку која ќе се добие персонализација на брендот. Каква е целта на бизнисот, која е идејата на брендот, компанијата или организацијата – тоа е она што треба едно лого да претставува.

Ако ги погледнеме логоата на најпознатите технолошки компании, ќе видиме дека скоро ниедна од нив во логото нема телефон, компјутер, звучник, телевизор или машина за перење алишта. На некои, дури и имињата не им асоцираат на дејноста. Кога не би знаеле дека Епл е технолошка фирма, според името и логото, сигурно ќе помислиме дека се знимаваат со нешто околу рециклирање овошје, зашто јаболкото во нивното лого асоцира на нешто што е веќе употребено, па можеби дури и отфрлено. Сепак, значењето на нивното јаболко е сосема поинакво. Или, некои од англиските автомобилски брендови имаат крилја во логото, а не волан, тркало или мотор.

За тренинг програмата

На тренингот за графички дизајн од Кирил Гагачев ќе учиш за историја на дизајн, ќе се запознаеш со концептот на графички дизајн и ќе ги разбереш визуелните односи што ќе ти помогнат да комуницираш преку дизајнирани форми. Ќе ги разбереш елементите од кои е изградена визуелната комуникација. Ќе научиш како функционално да ги користиш принципите на дизајн. Практично ќе ги примениш овие елементи и принципи на проект. Ќе научиш како да ја разработиш идејата од концепт до презентација, па сè до финално лого – притоа работејќи со Adobe Illustrator.

Местата за програмата се ограничени согласно COVID19 протоколите. Резервирај го твоето место навреме тука.